Ролат од мелено месо со спанаќ
    За подготовка на ова јадење за 4 лица потребни ви се следниве производи:

- 500 гр. мелено месо
- 250 гр. спанаќ
- 100 гр. шунка
- 4 јајца
- лебни трошки
- 1 1/2главица кромид
- магдонос
- 500 гр. сечкани маринирани шампињони
- 100 мл. павлака
- масло за јадење
- сол и црн пипер

Потребно време за подготовка на ова јадење е 90- тина минути.

Во тава за пржење на оган ставаме масло да се загрее. Една главица кромид ситно ја сечкаме. Исечканиот кромид го ставаме во тавата да се пржи. Промешуваме. Зовриената вода во тенџерето на оган ја посолуваме. Во водата го ставаме претходно исчистениот и измиен спанаќ да се обари.
Во поголем длабок сад го ставаме меленото месо. Кромидот го промешуваме и ја тргаме тавата од оган. Испржениот кромид од тавата го додаваме во садот со меленото месо. Во садот со лебни трошки додаваме малку вода. Потоа и лебните трошки ги додаваме во садот со меленото месо. Обарениот спанаќ го вадиме од тенџерето и го ставаме во цедалка. Магдоносот ситно го сечкаме. Исечканиот магдонос го додаваме во садот со месото. Во садот кршиме и едно јајце. Посолуваме и зачинуваме со мелен црн пипер. Ја мешаме смесата додека не се соедини.
Тавата во која се пржеше кромидот ја враќаме на оган и во неа додаваме масло за јадење. Исцедениот спанаќ ситно го сечкаме. Сечканиот спанаќ го ставаме да се пржи во тавата на оган. Посолуваме и зачинуваме со мелен црн пипер. Промешуваме. Ја тргаме тавата од оган.
На оган ставаме друга тава за пржење и во неа масло да се загрее. Преостанатите три јајца ги кршиме во подлабок сад. Ги матиме јајцата. Изматените јајца ги ставаме да се пржат на загреаното масло на оган. Посолуваме. Тавата со испржените јајца ја тргаме од оган.
Најлонската фолија ја попрскуваме со масло за јадење. Со четка ја намрснуваме целата површина на фолијата. На фолијата го ставаме меленото месо и со раце формираме рамна површина за ролат. Врз месото го нанесуваме спанаќот, а врз спанаќот испржените јајца. Шунката ја сечкаме на тенки парчиња, кои ги редиме врз јајцата. Со помош на фолијата виткаме цврст ролат. Краевите на фолијата ги зацврстуваме за да не се отвораат. Тавата за печење ја попрскуваме со масло за јадење. Во тавата ставаме 100 мл. вода и го ставаме ролатот. Ја ставаме тавата во рерна. Печеме 30- тина минути на температура од 180 степени. Ја вадиме тавата од рерна. Го вадиме ролатот од тавата. Ја отстрануваме фолијата. Ролатот повторно го враќаме во тавата и го попрскуваме со масло за јадење. Ја ставаме тавата во рерна, да се пече ролатот уште 15- тина минути.
На оган ставаме тава за пржење и во неа масло да се загрее. Преостанатиот кромид ситно го сечкаме. Исечканиот кромид го ставаме да се пржи во тавата на оган. Промешуваме. Откако кромидот е испржен во тавата ги додаваме шампињоните. Посолуваме и додаваме една лажица павлака. Промешуваме и ја тргаме тавата од оган.
Во тенџере на оган го ставаме млекото. Во тенџерето го додаваме путерот и посолуваме. Мешајќи со жица во тенџерето го додаваме прашокот за пире. Откако пирето ќе ја добие потребната густина го тргаме тенџерето од оган.
Тавата со испечениот ролат ја вадиме од рерна. Го вадиме ролатот од тава и го ставаме на даската за сечење.
Чинијата за сервирање ја украсуваме со листови зелена салата. На двете страни од чинијата ги ставаме испржените шампињони. Ролатот го сечкаме на тенки коси парчиња. Парчињата ролат скалесто ги редиме на средината на чинијата. На едниот крај на чинијата ставаме три топки пире. Украсуваме со гранчиња магдонос.

Со ова јадење ви предлагаме да се напите црвено вино.

Добар апетит.